Ангеловска: Аквизицијата значи можност Grouper.mk да го достигне потенцијалот во целост

-

Оваа недела најголемата македонска платформа за е-трговија Grouper го промени сопственикот. Полската компанија Payten, која е во сопственост на Asseco е нов сопственик на Grouper.

Grouper е основан во 2011 година по глобалната популаризација на платформите за групно купување кога на локалниот пазар се појавија доста играчи во ова поле – дел локални, дел регионални, а платформата на Grouper во Македонија основана од страна на компанијата Вебспот излезе како победник во конкуренциската битката на платформи за групно купување преземајќи го водството како најпопуларна и најкористена. Периодот кога Grouper.mk започна со активна работа беше во време кога во Македонија е-трговијата беше во иницијален зародиш и имаше многу пречки за стартување на е-бизнис – нешто што низ годините полека започна да се менува, а Grouper.mk беше предводник на промена на навиките преку едукација и воведување на нови трендови.

Рекордите започнаа речиси со основањето на продавницата. Само четири дена од почетокот на продажба Grouper достигна 110 продадени купони за ден и половина. Од самиот почеток во понудата се најдоа понуди за ресторани, театри, кина, спа центри, салони за убавина, продавници, специјални настани, спортски активности…

За промените во Grouper разговараме со ко-основачката на Grouper Нина Ангеловска.

Што претставува неодамнешната аквизиција на Grouper од страна на Payten за сегашните корисници, иднината на платформата, локалниот пазар? Што може да се очекува во иднина од Grouper?

Аквизицијата значи можност за уште поголем придонес и влијание кон развојот на целокупниот екосистем на е-трговија.  Корисниците и соработниците може да очекуваат унапредување и нови предности, повеќе шопинг можности, поголем избор за купувачите, како и пристап до повеќе нови клиенти и можност за раст на нивниот бизнис за соработниците. 

Низ годините Grouper постојано растеше, се адаптираше и воведуваше иновации. 

Grouper помина долг пат, од 2011 година тимот се справуваше со бројни предизвици додека го разгазуваше патот и за останатите. После 10 години, постигнавме многу, но на Grouper му претстои уште долг пат за да го искористи потенцијалнот во целост, кој веруваме дека многу полесно ќе го оди како дел од меѓународна групација. 

Што се однесува за идните планови, познавајќи го потенцијалот на Grouper, на тимот како и имајќи ја предвид синергијата и зајакнувањето на капацитетите и ресурсите со влезот во групацијата, очекувам забрзан раст и развој на бизнисот, нови солуции за корисниците и соработниците кои ќе им помогнат на локалните компании да ја прифатат е-трговијата, да ја зголемат продажбата и да го унапредат нивното работење, а кои истовремено на е-купувачите ќе им понудат поголем избор и можности. 

Дали аквизицијата значи и преточување на тимот на Grouper во Payten или излез и потрага по некои нови авантури за сегашното раководство на Grouper?

И малите компании и интернационалните големи компании имаат свои силни и слаби страни. Grouper има своја култура и начин на работење, а предизвикот во ваквата ситуација е да се аплицираат стандардите и позитивните страни кои ги носи групацијата, од една страна, а од друга страна да се задржи духот и културата.

Среќни сме што тоа е намера и желба на двете страни. Групацијата Аsseco SEE го шири својот бизнис преку аквизиции, а секоја од компаниите која се приклучува на групацијата е веќе изградена со свој тим, култура и принципи.

Операциите и тимот остануваат исти како и до сега, со тоа што тимот е зајакнат со неколку интернационални експерти од групацијата.

Менаџерскиот тим е исто така дополнет, односно на двајцата ко-сопственици се приклучува и уште еден член од групацијата.

Што се однесува до мене, јас се повлеков од раководната позиција во Grouper со прифаќањето на функцијата Министер за финансии. Сега откако заврши процесот на аквизиција кој го водев како ко-сопственик, после една декада исполнета со многу напорна работа и “жртвување” кое го носи и развивањето и растењето на сопствен бизнис, а особено последната година… овој период иако со одредени работни ангажмани, го намалувам супер брзото темпо и го користам за евалуирање на опциите, пред носење на следни големи одлуки, земам време за себе, за блиските, за пријателите… додека во исто време ги продолжувам напорите и пасијата за развој на е-трговијата како Претседател на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и како жена амбасадор за е-трговија на УНКТАД (eTrade for women Advocate).

Дали покрај Grouper.mk и Grouper Косово е дел од Payten или ова останува е независна платформа?

GrouperKosovo е франшиза во сопственост на Grouper (македонската компанија), следствено на тоа новиот сопственик е сопственик на истата.

Кога започна процесот на аквизиција? Колку време се одвиваше и дали беше лесен процес или имаше компликации?

Процесот на аквизиција траеше речиси една година, по иницијалните состаноци и „зелено светло” од двете страни, следеше due-diligence (длабинска анализа) на сите аспекти – правни, финансиски, бизнис, човечки ресурси и сл. Процесот сам по себе е прилично захтевен и комплексен. Интензивни шест месеци работевме на истиот до потпишувањето на договорот за купродажба, а потоа и на процесот на транзиција односно усогласување со стандардите на групацијата.

Ние го создадовме Групер пред 10 години со многу ентузијазам, посветеност и пасија да влијаеме на развој на е-трговијата, додека го растеме бизнисот, без конкретна мисија дека ќе го градиме ова нешто за еден ден да направиме exit. Но кога се појави можноста бевме подготвени да ја прифатиме. Оваа аквизиција за нас претставува признание на досегашната напорна работа, за постигнатото низ годините, а за Grouper значи можност да го достигне својот потенцијал во целост, како дел од меѓународна групација.

The post Ангеловска: Аквизицијата значи можност Grouper.mk да го достигне потенцијалот во целост appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *