Донирај Компјутер – Донирани 1000 компјутери за безброј насмеани лица

-

За нешто повеќе од една година, во текот на пандемијата, „Донирај Компјутер“ успеа да собере и да испрати 800 компјутери. Со ова вкупната бројка на донирани компјутери достигна и сега веќе надмина 1000 компјутери. Со оглед на период во кои беа донирани, важноста на овие компјутери беше и поголема. Наставата минатата година се префли од училниците онлајн, а не сите семејства беа подготвени за ова.

Донирај Компјутер е иницијатива на Борче Стаменов, тој пред 5 години започна да собира постари компјутери, да ги поправа, комплетира и да ги донира на деца од финансиски загрозени семејства кои имаа потреба од компјутер. Пред нешто повеќе од една година зборувавме со Борче Стаменов за јубилејот од 200 донирани компјутери. Тогаш г. Стаменов се надеваше дека до крајот на 2020 ќе успеат да ја достигнат бројката 300 донирани компјутери.

Досега до Донирај Компјутер се испратени над 1500 компјутери. Од овие 1500 само 100 биле потполно бескорисни, а преостанатите 1400 се искористени за комплетирање на донираните 1000 компјутери.

„Во овие 5 години имаме добиено околу 1500 половни компјутери. Околу стотина од нив беа некористиливи или прастари за да може да се искористи било што од нив. Преостанатите 1400 да речеме, се проверувани по повеќе пати за исправност. Од нив имаме искористено делови за да докомплетираме други. И така стигнавме до бројот 1003 донирани компјутери. Ако ги претвориме тие 1400 во работна рака или финансии, само за проверка или дијагноза имаме донирано 840,000 денари. Пошто останаа 1003, сите тие подлежеа на процес на средување (инсталација на ОС и програми). Во просек таа работа чини околу 600 денари. Со тој чекор во облик на работна рака и време сме донирале уште 601,800 денари. Ако ги претвориме тие 1003 компјутери во средна продажна цена на половен компјутер (куќиште, монитор, тастатура, глувче, кабли за поврзување) која изнесува некаде околу 6000 денари, добиваме сума од 6,018,000 денари. Или ако ставиме се на едно купче добиваме износ од 7.459.800 денари или ако го претвориме износов во омилената валута на нашите политичари тоа би било некаде 120,319 евра. Само што ние за разлика од нашите политичари потрошивме 0 (нула) денари, донесовме среќа и почит низ цела Македонија“.

„Борбата“ на „Донирај Компјутер“ не завршува тука. Најавија отворање на трансакциска сметка, а донациите кои ќе пристигаат тука ќе бидат искористени сите деца да имаат еднакви шанси за подобро и поквалитетно образование.

The post Донирај Компјутер – Донирани 1000 компјутери за безброј насмеани лица appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *