„Еконет“ станува дел од „Синами“

-

Од април 2021 година, македонската компанија „Еконет“ премина во сопствеништво на „Синами“. Синами веќе 20 години успешно делува на домашниот, но и на меѓународните пазари. Аквизицијата доаѓа по најавите за раст и проширување, како по бројот на вработени, така и за развој на нови напредни софтверски решенија и продукти на „Синами“.

Зад двете компании стои искусен тим од ИТ професионалци. Спојувањето отвора нови можности и перспективи за освојување нови меѓународни пазари, особено имајќи го предвид исклучително големиот потенцијал кој го нуди индустријата, сметаат во „Синами“ и „Еконет“.

„Проширувањето на „Синами“ кој од неодамна функционира како самостоен бренд е само логична последица на нашата бизнис стратегија за раст на компанијата. Имаме навистина огромен потенцијал и верувам дека овој чекор само дополнително ќе придонесе за исполнување на нашата амбициозна визија за развој. Располагаме со силни човечки ресурси, односно добро подготвен и мотивиран кадар со повеќедецениско искуство на кој сега му се придружува и нов тим од висококвалификувани ИТ професионалци, па сигурен сум дека со овој состав ќе го одржиме растот кој веќе го имаме во Европа и Северна Америка, но и ќе продолжиме со освојувањето нови пазари.“, истакна Бојан Тасевски, извршен директор на „Синами“.

„Еконет“, е еден од пионерите на македонскиот ИТ-пазар. Основан е во 1999 година. „Еконет“ е овластен дистрибутер на продуктите од реномираниот глобален бренд Cisco за Македонија, Албанија и Косово. Подоцна компанијата стана овластен дистрибутер и за Microsoft. Следењето на глобалните трендови во ИТ индустријата, навремената дистрибуција на најсовремените ИТ продукти, како и искуството во обезбедување консултантски услуги за дизајнирање и имплементација на технички решенија за голем број компании, беа главен мотив за „Еконет“ во 2016 година и самата да започне со развој на нови софтверски решенија и услуги.

„Еконет е една од првите домашни ИТ компании со традиција подолга од 20 години. Спојувањето со реномираната компанија „Синами“ е продолжување на нашата успешна приказна, но и нов почеток кој ни отвора можност за уште поуспешно делување во ИТ секторот. Повеќедецениското искуство кое го носат нашите кадри ќе обезбеди дополнителна вредност за тимот на „Синами“ во справување со динамичното темпо на работа, а со примена на нашите вештини, сигурен сум дека ќе придонесеме и во континуираниот развој на нови, напредни производи. Навистина сме среќни што се придружуваме на искусен тим кој постигнува исклучителни резултати и на меѓународниот пазар и веруваме дека заедно ќе се позиционираме уште подобро и ќе постигнеме уште повеќе.“, изјави Иво Лазаревиќ од „Еконет“.

„Синами“ е софтверска компанија која делуваше речиси 20 години во рамките на „Сеавус“, а по аквизицијата на „Сеавус“ од страна на чешката групација АРИКОМА, компанијата се издвои како нов, самостоен бренд. Во клиентите на „Синами“ денес се вбројуваат дури 70% од најуспешните Fortune 500 компании, како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од различни индустрии со просечен број од 40.000 вработени.

The post „Еконет“ станува дел од „Синами“ appeared first on IT.mk.

Categories:
Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *