Започна наддавањето за NFT од сорс-кодот на Интернет

-

Ако сакате, и веројатно ако имате навистина многу пари сега може да поседувате дел од интернет историјата. Еден од креаторите на Интернет, Тим Бернерс-Ли го постави на јавно наддавање изворниот код на Интернет (или барем негов постер). Купувачот ќе добие дигитален Non-fungible токен кој треба да биде показател за оригиналноста на кодот.

Аукцијата под името „This Changed Everything“ започна на 23 јуни, се одржува онлајн во Sotheby’s и во моментов највисоката понуда изнесува 1,7 милиони долари. Наддавањето завршува на 30 јуни кога ќе дознаеме и кој е купувач на сорс кодот. Досега во аукцијата учествуваат 36 различни купувачи, и минималната граница од 1000 долари под која не може да се продаде сорс-кодот е одамна надмината.

Содржината која е понудена на наддавање е составена од оригинална архива со дата и време на фајловите. Фајловите се креирани и напишани во период од 3 октомври 1990 година до 24 август 1991 година. Кодот има околу 9555 линии и содржината вклучува имплементација на три јазици и протоколи креирани од г. Бернерс-Ли: HTML (Hypertext Markup Language); HTTP (Hyper Transfer Protocol); and URIs (Uniform Resource Identifiers).

Дел од содржината на наддавањето се и: оригиналните документи кои требале на првите корисници на интернет да им користат како упатство; анимирана визуелизација на пишување на кодот со траење 30 минути и 25 секунди; SVG на кој е сместен целиот код на една страници А0; како и README.md фајл – своевидно писмо на г. Бернерс-Ли за размислувањата за кодот и процесот на неговото креирање.

Сер Тим Бернерс-Ли  го споредува NFT со своевидно поседување на кодот со автограм од неговиот креатор.

„Ова е во потполна согласност со вредностите на интернет. Прашањата кои ги добив беа: Ох, ова не звучни како слободна и отворена мрежа.

Ама почекајте малку, интернет е бесплатен и отворен како што бил секогаш. За кодот и протоколите на Интернет не се плаќаат авторски права како и претходно. Не го продавам Интернет – не треба да почнете да плаќате за да следите линкови“, вели сер Бернерс-Ли за Guardian. „Дури не го продавам ниту сорс-кодот. Продавам слика од сорс-кодот која ја направив со програма која самиот ја креирав во Python и е претстава на кодот ако го закачите на ѕид со мој автограм.

Ако продавањето на NFT од постер е несоодветно, тогаш што ако продавам книга. Правам работи кои вклучуваат пари, но отворениот и бесплатен интернет и натаму е отворен и бесплатен“.

Учеството во аукцијата е и интересен експеримент за „таткото на интернет“ кој би можел да му покаже дали користењето на овие токени може да се искористи за да бидат исплатени музичари и уметници.

Средствата од аукцијата ќе бидат искористени за иницијативи кои ги подржуваат г. Бернерс Ли и неговата сопруга, вели претставник на Sotheby’s.

Што е Non-fungible токен

Non-Fungible токените се уште една примена на блокчејн технологијата. Станува збор за дигитални „асети“ базирани на Etherium блокчејнот. Со нивна примена се овозможува трансформација на дигитални уметнички дела во колекционерски предмети. Досега се искористени за купување и продажба на различни дигитални форми на уметност. Притоа не станува збор само за уметнички дела туку и различни видеа, па дури и твитови. Првиот твит на Џек Дорси на аукција достигна цена од 2,5 милиони долари; видео од првото забивање на Леброн Џејмс се продаде за 200 000 долари; популарната меме мачка Nyan Cat достигна речиси 600 000 долари. Во март оваа година, дигитален колаж на Мајк Винкелман, попознат како Beeple се продаде за 69,3 милиони долари. Оваа недела дигитален CryptoPunk- аватар е продаден за 11,7 милиони долари.

За разлика од криптовалутите секој Non-fungible токен е
уникатен и не се меѓусебе заменливи. Не постојат два исти non-fungible токени.
За дигиталните уметнички дела non-fungible токените овозможуваат креирање на
своевидни оригинали на дигитални фајлови. Со ова авторот би можел вештачки да
креира „ограничена“ серија на делото. Оригиналноста на фајлот се потврдува со
блокчејнот. Она што го овозможуваат овие токени за колекционерите е вештачко
ограничување на бројот на инаку неограничен број на дигитален контент.

Токените се креираат кога некој дигитален фајл ќе се качи на сервис кој на пример овозможува наддавање на дигитална уметност. Ова креира копија на фајлот во „делот за записи“ (ledger). Токенот потоа може да се купува и продава, а може да се користи и како доказ за поседување на авторски права за некоја содржина.

Интересот за NFT токени беше огромен пред само неколку месеци, но полека спласнува. Во првите три месеци на 2021 NFT продажбата достигна 2 милијарди долари. Сепак во седум дена од 9-ти до 15-ти јуни вкупната продажба беше само 8,7 милиони долари. Со оглед на тоа дека експертите го припишаа зголемениот интерес  за овие  токени на високата вредност на криптовалутите, можеби е и разбирливо што во период кога вредноста е пониска и интересот е намален.

The post Започна наддавањето за NFT од сорс-кодот на Интернет appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *