Интервју со Христијан Петровски, Osum Keyboards

-

Во последните неколку години може да се забележи пораст во корисниците на механички тастатури, нешто што е можеби и повеќе од очигледно доколку сте налетале на темата за истите на нашиот форум. Но, нешто што веројатно не сте знаеле е дека кај нас има ентузијасти кои одлучиле да одат еден чекор понатаму од самото купување на custom механичка тастатура, и почнуваат да ги дизајнираат и продаваат истите. Зборуваме за Христијан од Osum Keyboards, со кого решивме да направиме едно кратко интервју.

Кој е човекот позади Osum Keyboards, кажи ни нешто за себе?

Здраво! Се викам Христијан, 24 годишен битолчанец, моментално работам фул-тајм како 3Д Артист/Девелопер. 

Какви се твоите почетоци во хобито?

Првиот контакт со механичка тастатура ми беше во втора година од средно, кога фала богу, ми требаше гEјмиНг тастатура за да играм League of Legends, па купив CM Storm Quickfire Rapid со Cherry MX Black свичеви. 

Ја користев религиозно 7+ години пред да откријам за r/MechanicalKeyboards и Taeha Types пред 2 години. После многу читање и скролање во subreddit-от, ја склопив и првата custom тастатура, со алуминиумска шасија, hotswap 60% PCB, clicky свичеви и vintage капачиња што ги извадив од стара терминал тастатура што ја начекав на Reklama5. Само што ја досклопив тастатурата, наредниот ден нарачав делови за нова. Тука го сфатив хајпот околу хобито.

Ќе претпоставиме дека имаш повеќе од една тастатура во моментов – која/кои ти се омилени, на што работиш секојдневно?

Омилена тастатура што сум ја склопил за себеси, воедно и мој daily driver последниве неколку месеци е Alice-лејаут шасија што ја дизајнирав да прифаќа стандардизирана “Alice” плоча, монтиран на 2мм гумици, што придонесува до меко и “bouncy” искуство во куцањето. FR4 half-plate значи дека плочата не ги опфаќа alpha копчињата на тастатурата, туку само modifiers. Свичевите се vintage Cherry MX Blacks од 1984, подмачкани со Krytox 205g0, TX 65 грама пружини и TX филмови. Има и оригинални Cherry screw-in стабилизатори, исто подмачкани со Krytox 205g0, и GMK ASCII double-shot ABS капачиња. Иако ова можеби звучи комплицирано, работите се всушност прилично едноставни доколку малку ги истражите.

Кажи ни малку за Osum Keyboards, како дојде до идејата за custom механички тастатури?

Искрено? Цената на custom тастатури. Генерално, хобиво станува многу скапо, многу брзо, па имајќи претходно искуство како 3Д артист, се фокусирав на дизајнирање на тастатури за себеси за да си го олеснам месечниот буџет. Првите прототипи ги постирав на Reddit со цел да добијам критики и идеи во дизајнот, па после некое време поголема бројка на ентузијасти почнаа да ми бараат да им направам некои од постоечките дизајни за нив, или пак да им изработам тотално нови дизајни произлезени од нивни идеи.

Што точно ги прави Osum тастатурите различни од она што во моментов се нуди на пазарот?

Главна цел на Osum како проект ми е иновација во светот на акрилни тастатури. 95% од акрилните тастатури на пазарот во моментов користат ист sandwich mounting систем, кој придонесува до погрубо чувство во куцањето. Иако sandwich mount е омилен систем на многу ентузијасти, но голем број на корисници имаат тотално друга преференца. Пробувам да имплементирам стандардни, секојдневни mounting системи во класични CNC-изработени тастатури, како top-mount, gasket mount, O-ring burger mount, и да понудам поголема палета на “typing experiences” кај моите клиенти за да можам 100% да им го доловам искуството, како и изгледот на тастатурата што ја сакаат.

Извор: thomasbaart.nl

Доколку некој сака да купи една од твоите тастатури, која е процедурата?

Најчесто клиентите ме контактираат преку Instagram, Discord (osum#6414) или Reddit. Таму ги дискутираме деталите околу тоа како клиентот сака да биде шасијата изработена, боја, материјал, layout, кои компоненти би се користеле итн. Изработката на тастатурата може да трае било каде од 4-10 недели, во зависност од комплексноста на проектот. 

Најчесто клиентите се веќе дел од r/mk сцената, па сакаат сами да си ја склопат тастатурата, јас само им ја испраќам шасијата и плочата. Доколку клиент нема доволно искуство, или би сакал јас да ја склопам целата тастатура, нудам и таква услуга кај што клиентот ми ги испраќа потребните компоненти, па јас ја склопувам тастатурата целосно, подмачкувам свичеви/стабилизатори, лемење, итн.

Кое е твоето мислење за локалната заедница? Има ли доволно ентузијасти за механички тастатури кај нас?

Пред неколку месеци бев пријатно изненаден од бројот на ентузијасти во Македонија. Има се повеќе луѓе што постираат на ИТ форум, а и константно наоѓам нови луѓе по Discord сервери. Гледам огромен потенцијал за растење на една локална заедница, кај што ќе може да има споделување на искуства, локални meetups кај што секој би можел да проба нечија custom тастатура, помош при правење на нарачки, па дури и нарачка и изработка на ексклузивни тастастури дизајнирани околу барањата на членовите, во локални работилници на дрво/метал/пластика etc.

За крај, доколку некој сака да навлезе во хобито, од каде би му препорачал да почне? 

Навлегување во хобито никогаш не било полесно, има избор од огромен број на YouTube канали (Taeha Types, TaeKeyboards, Blacksimon), Twitch стримери (Lightningkeyboards, Apiarykeyboards, Alexotos, Maxf), subreddits (MechanicalKeyboards, CustomKeyboards, switchmodders), Geekhack, Keebtalk и мнооогу Discord сервери каде почетници се добредојдени. Најдете луѓе што ви се допаѓаат и не се плашете да поставувате прашања. Моите DMs се отворени за било кој тастатурџија.

За крај, би го препорачал ова видео на секој што е почетник во хобито, па и на поискусните на кои им треба еден reality check.

Огромна благодарност до Христијан за одвоеното време, а во продолжение е галерија со некои од неговите тастатури.

The post Интервју со Христијан Петровски, Osum Keyboards appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *