Како Devsy #РаботиОдДома

-

Несомнено е дека коронавирусот COVID-19 има огромно влијание врз случувањата во светот. Веќе имавме текст за тоа како светските ИТ компании се справуваат со пандемијата и предизвиците кои ги носи.

Очекувано најголем дел од читателите беше позаинтересиран како со епидемијата се справуваат локалните компании. Па затоа, во серијал од повеќе текстови, насловен „Како [локална компанија] #РаботиОдДома“ ќе се обидеме да презентираме што прават најголем дел од ИТ компаниите кои се од Македонија или имаат канцеларии во Македонија.

Ова е праксата на Девси (Devsy), компанија за развој на софтвер и консултантски услуги која се фокусира на разновидност, експертиза и сигурност. За работата од далечина и предизвиците кои ги донесе Ковид-19 разговараме со г. Илчо Бојчевски, извршен директор на Devsy.

„Нашата работа се состои од еднакви делови внимателно истражување, супериорна технологија, навремена и сигурна услуга. Ние се справуваме со секаков вид технологија и платформа за да испорачаме оригинални решенија.

Ние ја доставуваме нашата експертиза до деловните партнери преку услуги адаптирани на светските трендови на глобалниот пазар“, вели г. Бојчевски.

Како се справувате со овие отежнати услови за работа?

ИТ индустријата е една од оние индустрии каде што компаниите заради природата на дејноста побрзо можат да го променат начинот на работа без тоа да влијае негативно на луѓето, клиентите и процесите. Истото важеше и за Девси.

Почнувајќи од март 2020 година со самиот почеток на пандемијата, нашиот фокус беше на здравјето на нашите вработени и обезбедување на бизнис континуитетот под вистинските услови. Морам да кажам дека прилично лесно ја направивме транзицијата кон работа од дома бидејќи работиме со интернационални клиенти и самиот тип на соработка со нив веќе се одвиваше на далечина. Штом условите и препораките дозволија, ги отворивме нашите простории за секој вработен во Девси во денови кога сака да се потсети на работата од канцеларија 😊 секако ова го применуваме со примена на распореди, почитувајќи ги препораките и мерките на претпазливост.

Веќе една година функционираме примарно со работа од дома и континуирано ги исполнуваме сите очекувања на нашите клиенти.

Какво е влијанието врз работата и клиентите?

Девси е компанија која има многу прилагодлив пристап со секој клиент и целосната поддршка која ја нудиме не позиционира како вистински партнери на бизнисите со кои соработуваме. Дополнително на тоа, апсолутно се гордееме со нашата компаниска култура, човечката грижа и соработка која ја имаме. Сето ова се нешта што само ги зацврстивме во изминатата година, комуницирајќи уште почесто, грижејќи се уште повеќе и меѓусебно и со нашите клиенти.

Среќни сме, имаме одлични клиенти, но уште поважно, имаме одлични тимови кои постојано растат и ги поддржуваат клиентите, па затоа и не сме се соочиле со некакво негативно влијание.

Кои алатки ги користите за да ја олесните работата од дома?

За меѓусебна комуникација, споделување на документација и видео повици ги користиме GSuite алатките, Mattermost е нашиот избор за алатка за пишана инстант комуникација а зависно од проектите, тимовите користат и Jira, Trello, GitHub итн.

Кои се предизвиците при работа од дома?

Од аспект на работата со клиентите, нивните проекти и секојдневната работна комуникација би рекол дека прилагодувањето немаше посебни потешкотии, напротив, Девси е во одлична форма и бележи значителен раст во сите области во изминатата година и покрај предизвиците на денешницата со кои се соочува целиот свет.

Но, најголемиот предизвик во овој начин на работа за нас како компанија и како личности беше недостатокот на комуникација и социјализација во живо како и наоѓањето на активности кои барем приближно би ги реплицирале оние неформални конекции што сите ние ги создаваме со муабети покрај кафематот, со дружба после работа и слично.

Нешто што би сакале да додадете…

Би сакал да споменам дека промените и предизвиците со кои се соочуваме ние се неспоредливи со оние кои се во првите редови во борбата со пандемијата и баш од тие причини е од суштинска важност сите да продолжиме да се прилагодуваме, да ги следиме препораките и да се надеваме дека набрзо ќе можеме за се ова да зборуваме во минато време.

The post Како Devsy #РаботиОдДома appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *