Нова рачна конзола од Valve пристига во декември

-

Steam Deck е нова рачна конзола која треба да биде конкуренција на Nintendo Switch. Конзолата доаѓа од креаторите на најголемата платформа за видеоигри Valve и според најавата ќе има неколку модели.

Иако станува збор за рачна конзола хардверот е импресивен и може да му позавидат и сопственици на некои компјутери. Конзолата доаѓа со AMD APU, со Zen 2 процесор, RDNA 2 графичка картичка и 16 GB LPDDR5 RAM. Ова е доволно за на Steam Deck да може да се играат сите актуелни AAA видеоигри. Valve нуди 3 различни модели на конзолата кои се разликуваат по дискот. Основниот модел доаѓа со 64GB eMMC за 420 евра, 256GB NVMe SSD моделот чини 550 евра, a 512 GB NVMe SSD моделот чини 680 евра. Сите модели имаат можност за проширување на просторот со додавање на дополнителни мемориски картички.

Конзолата доаѓа со SteamOS оперативен систем, а освен видеоигри сопствениците ќе можат да ја користат и како стандарден компјутер. Покрај дисплејот кој доаѓа со конзолата може да се користи телевизор, да се приклучат глувче и тастатура, и сѐ што очекуваме од стандарден компјутер.

Што се однесува до изгледот Steam Deck не се разликува премногу од конкурентите, па наликува на контролер со екран на средината. Една од разликите е поставувањето на копчињата кои тука се во висина на џојстиците, наместо стандардниот распоред, во кој се под нив. Местото под џојстиците е „резервирано“ за 2 тракпади за сите игри кои се играат со глувче.

Најголемата предност која Steam Deck ја има пред конкуренцијата се видеоигрите. И тоа не видеоигрите кои ќе излезат во иднина, туку видеоигрите кои веќе ги поседуваме. На конзолата може да се играат сите игри кои корисникот ги има во својата Steam-библиотека.

Конзолата започнува со продажба во САД, Канада, државите членки на Европската Унија, и Велика Британија. Дополнителни региони во кои ќе се продава конзолата ќе бидат додадени во 2022 година. Испораките започнуваат во декември, а за жителите на овие држави резервациите на конзолите започнуваат денес.

The post Нова рачна конзола од Valve пристига во декември appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *