Новиот предлог закон за платежни услуги и платни системи — нови можности, но и нови предизвици

Ова е гостински текст на Дејан Алексов првично објавен на Medium блогот на Fintech MK. Текстот е реобјавен на ИТ.МК со дозвола на Fintech MK.

Дејан Алексов е aдвокат, основач на адвокатска канцеларија Алексов, ко-основач и претседател на Стартап Македонија. Како стартап ентузијаст влегува во стартап заедницата во 2015 година, кога за прв пат ги изготвува правните документи за реализација на инвестиција од бизнис ангели во македонски стартап. Тогаш подетално се запознава и се интегрира во стартап заедницата. Во 2016 година заедно со уште неколку луѓе ја ко-основа Стартап Македонија, а од 2018 година е претседател.

Во 2017 започнува своја адвокатска канцеларија која соработува и им помага на многу стартап компании.


Се чини дека законите и регулативите со голем напор тапкаат зад технологијата, обидувајќи се да го следат нејзиниот рапиден развој. Иако со мака го следат развојот, според некои анализи, законите доцнат околу 4–5 години споредени со технологијата која е актуелна во моментов. Тоа е така, бидејќи законите имаат улога да внимаваат на целосниот импакт во општеството кој таа технологија ќе го донесе (примена, безбедност, злоупотреба и сл.) Еден од ваквите примери претставува можноста технологијата да ги олесни платежните услуги и да воведе иновација на тој пазар, и покрај сите ризици што ги носи со себе.

Во 2007 година, во ЕУ се воведува директива PSD (Payment services directive) која има за цел да донесе единствен платен пазар во Европската Унија. По направената ревизија на оваа директива, во 2015 година се носи новата PSD2, со цел нејзино подобрување. Технологијата е спремна да одговори на предизвикот, меѓутоа треба да се постават законските рамки.

Кои новини ги носи PSD2 директивата?

Најголемата новина што ја носи оваа директива се состои во отвореното банкарство, при што се воведуваат 2 важни столба околу кои се темелат овие рамки, и тоа:

  • PIS (payment initiation service) — Останати надворешни компании ќе можат да нудат услуги во форма на фасилитација на онлајн плаќања, и тоа преку креирање на платформа која ќе претставува мост помеѓу трговецот и потрошувачот. (Станува збор за плаќања без употреба на кредитна картичка или банкарска сметка)
  • AIS (Account information service) — Собирање на информации од сите банки на потрошувачот и складирање на истите на едно место. Со ова ќе се овозможи целосен поглед врз финансиската способност на потрошувачот со што полесно ќе се прават проценки и анализи за финансиските потреби.

Развојот на овие два столба бара многу безбедносни мерки и процедури, како и соработка од банките кои треба да ги отворат податоците на своите клиенти и да овозможат нивно користење. Компаниите кои сакаат да влезат на платежниот пазар, ќе треба да исполнат определени услови, како и да добијат согласност од потрошувачот, како би можеле да пристапат до овие два столба и да ги понудат своите услуги. Со ова се зголемува потенцијалот за нови иновации, зголемена конкурентност, но и подобар пазар.

Компаниите кои ќе влезат на овој пазар ќе можат да развиваат услуги и да нудат најразлични решенија, како на пример: бизнис што нуди апликации за управување со лични финансии, тргување со хартии од вредност, автоматизација на финансиски услуги, финансирање преку платформи кои директно одговараат на инвеститорите и заемодавачите, како што е групно финансирање, вршење плаќања преку иновативни решенија за наплата и сл.

До каде сме ние?

Со стратешката ориентација за влез во ЕУ, една од задачите за нашата земја е хармонизација на нашето законодавство со регулативите и директивите на ЕУ, односнос усогласување на нашето законодавство со PSD2 директивата.

Клучна институција, кога станува збор за платежни услуги и платежни системи е Народната банка на Република Северна Македонија. Таа има три улоги во овој аспект и тоа: оперативна, надзорна и развојна катализаторска улога.

Како еден од чекорите за развој на fintech е создавањето на “Портата за иновации” од страна на НБРМ во 2019 година, каде согласно веб страницата на портата, наведено е дека:

Основна цел на Портата за иновации при Народната банка е да го олесни, да го поттикне и да го помогне развојот на иновации во областа на финансиските услуги и производи кај секоја компанија што сака да започне иновативна бизнис-активност. Народната банка настојува преку оваа платформа да им овозможи на финтек-компаниите да соработуваат со неа како финансиски регулатор надвор од постојната формална регулаторна рамка. Преку давање на правно необврзувачки насоки и објаснување на постојните регулаторни барања преку оваа комуникациска платформа…”

Имплементацијата на ваква технологија и отворање на пазарот на платежни услуги и платежни системи, не значи носење и имплементација само на еден закон. Ваквиот пазар со себе носи ризици од cyber криминал, бара регулирање на безбедност и заштита на личните податоци, унифицирање на регистри, прифаќање како валидни електронските документи и сл.

Чекори кои се превземени во овој поглед се неколку закони, кои сè уште се во драфт-текст фаза, како на пример:

Со овој закон се уредува и пропишува создавањето, складирањето и обработката на електронските документи, електронската идентификација и доверливите услуги. Со овој закон се утврдува и начинот на употреба на електронските документи, електронскиот потпис и електронскиот печат, како и електронските доверливи услуги.

Регистарот обезбедува пристап податоците на населението во земјава, заради остварување на правата користење на услугите обезбедени од страна на надлежните органи и други лица. Со воспоставувањето на Регистарот се утврдува унифициран и единствен начин на водење на поединечните бази на податоци, врз основа на утврдени стандарди и процедури, во согласност со одредбите на овој закон.

Како најважен исчекор во развојот на fintech индустријата кај нас е новиот Предлог Закон за платежни услуги и платежни системи. Платежните услуги и платните системи во моментов се уредени со Законот за платниот промет кој е донесен во 2007 година. Меѓутоа, истиот не е во согласност со новите трендови и технологии како и со релевантните директиви и регулативи на Европската унија.

Согласно објавата на овој предлог закон на ЕНЕР, целта е:

“Со Законот да се либерализира пазарот на платежните услуги и да се зајакне конкуренцијата. Да се зајакнат правата на потрошувачите за нивно информирање од страна на давателите на платежни услуги за условите за користење на услугите. Законот да обезбеди транспареност и споредливост на надоместоците за платежните услуги, а меѓубанкарските надоместоци со платежни картички да бидат ограничени. За одредени категории на потрошувачи да се овозможи отворање сметки со основни функции преку кои ќе може да се извршуваат одреден број на бесплатни трансакции.”

Како за крај…

Иако се преземаат поединечни активности во развојот на fintech секторот кај нас, слободно може да се каже дека допрва нè чека многу работа. Текстовите и гласањето на потребните закони можеби ќе биде полесниот дел, меѓутоа спремноста на засегнатите страни да го имплементираат ќе биде потешкиот предизвик. Колку се подготвени банките да ги отворат потребните податоци? Колку пак нашите институции се потковани (со знаења, технологии и кадар) да одговорат на овие барања? Кои компании ќе бидат заинтересирани да влезат на овој пазар? Останува да видиме…

ПС: За читатели што сакаат ваква тематика, нешто повеќе за fintech:

КПМГ — The pulse of fintech https://assets.kpmg/content/dam/kpmg/xx/pdf/2019/02/the-pulse-of-fintech-2018.pdf

PWC — The future of banking is open: How to seize the Open Banking opportunity
https://www.pwc.co.uk/financial-services/assets/open-banking-report-web-interactive.pdf

The post Новиот предлог закон за платежни услуги и платни системи — нови можности, но и нови предизвици appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *