Рецензија: Jupiter Hell е ретро-инспирирана игра за сите DRL фанови

-

Rogue Lute, Turn Based, Dungeon Crawler RPG. Ова е само дел од описите за Jupiter Hell. Развојното, полско студио ChaosForge успеја да ги изненади сите DRL фанови и љубители на ретро-инспирирани игри со уникатни механики и музичка подлога произлезена директно од пеколот.

Во Jupiter Hell, на располагање имате три ликови, маринец, извидник и техничар. Иако сите се управуваат и функционираат на ист начин, во зависност од избраниот лик, имате уникатна пасивна способност, како ефикасно откривање работи или двојно побрзо користење потрошни материјали. За понатамошна надградба и херојски end-game, често се надградувате, а, со тоа, ја зголемувате ефикасноста на вашите офанзивни и дефанзивни способности, како поголема издржливост, ефикасност со пиштоли, наоѓање повеќе муниција, подобро лечење, и слично.

Гледајќи го трејлерот, би можеле да помислите дека Jupiter Hell е флуидна акциона RPG игра, но гејмплеј механиките всушност се turn-based засновани, a акцијата е онолку брза колку што ќе и дозволите. Имено, непријателите се движат и напаѓаат само кога вие се движите, а нивната форма ја гледате само доколку влегуваат во полето на видикот на ликот што го управувате, што значи дека стратешко позиционирање е од особена важност. Ваквото нешто можеби бара повеќе време за навикнување кај casual гејмерот, но е апсолутно забавно, особено доколку имате отворен ум кон уникатни ретро-инспирирани механики.

Како наслов кој пушта корени во rogue light територија, вреди да се спомене дека Jupiter Hell бара да умрете неколку пати (читај: стотици) пред да се откријат сите кецови и фрустрацијата да биде заменета со ефикасни run-ови. Во таквото нешто дефинитивно помага и промислена употреба на ресурси и наразлични огнени оружја, почнувајќи од пиштоли, преку сачмарки, па сè до митралези. Подразбирливо, секое оружје бара соодветна муниција, а можете и да им ја зголемувате ефикасноста преку надградба со модови. И тука треба да балансирате и убаво да размислите со кое оружје ќе одите и, доколку решите да инвестирате во надградба, дали ќе можете доволно да го користите ако низ run-овите не се наоѓа соодветна муниција за него.

Дизајнот на мапите е асполутно феноменален, иако не би можеле да го кажеме истото и за непријателите кои се неинспиративни и често се повторуваат или се болно идентични, нешто што знае и тоа како да ја скрши имерзивноста кога ќе влезете во соба и ќе видите седум близнаци. Добрата страна е тоа што можете да ја користите околината не само за прикрадување туку и за пукање во одреден експозивен предмет за да се направи масовно и инстантно чистење на непријателите. Сево ова не би било ни приближно забавно без одличен аудио дизајн, а Jupiter Hell никако не потфрлува ни во овој поглед. Оружјата имаат препознатливи и веродостојни звуци, а со металот кој одѕвонуваше низ слушалките често се наоѓавме себеси како неконтролирано ја тресеме главата или тропаме налудничаво со ногата. Особено нѝ се допадна тоа што целата игра ја поминавме во ретро инспириран приказ, каде битките се одвиваат како да користите CRT монитор и интерфејсот, односно видикот станува благо заоблен во аголите.

Од сево ова што го прочитавте, би можеле да помислите дека Jupiter Hell е исклучително тешка игра, но, во поглемиот дел ситуации, таа е тешка само онолку колку што ќе и дозволите, особено откако ќе ги научите механиките. Имено, на располагање имате неколку нивоа на тежина кои одлично се прилагодуваат на вашето темпо и доколку не сте како нас и немате Dark Souls мазохистички предиспозиции, горе-споменатите фрустрации нечесто испливуваат на површина. За уште поголем предизвик, меѓутоа, имате на располагање и режими со дополнително-вклучени предизвици, како носење низ целата игра само четири работи, употреба на ракетен фрлач, или само сачмарки и бомби, како и регенерација само преку убивање.

Развојното студио ChaosForge успеја да исфрли одлична RPG игра со уникатни DRL инспирирани механики во модерно графичко опкружување и со одлични вредности на преигрување. Ние не бевме единствените кои се изнанадија од овој прикриен хит и играта моментно ужива во 92% позитивни рецензии на Steam. Доколку барате интересна и предизвикувачка инди игра, Jupiter Hell би можело да биде токму тоа што ви треба!

The post Рецензија: Jupiter Hell е ретро-инспирирана игра за сите DRL фанови appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *