Цените на хард дисковите во Азија со значителен пораст

-

По масовното зголемување на цените на графичките картички кое следеше по
порастот на вредноста на Bitcoin, се чини дека следни на удар, барем во Азија, се хард дисковите. Според
извештај
кој доаѓа од Кина, цените на хард дисковите бележат значителен
пораст, и до 66% за некои модели.  

Криптовалутата за која се работи е Chia, и истата се очекува да е достапна на популарните
светски берзи на 3ти мај. “Копањето”
на истата всушност вклучува огромен
број на read/write операции,
поради што на мета се дисковите. Клучна е големината на дисковите, при што дисковите
со големина од 4 до 18 терабајти се скоро невозможни за купување во моментов.

Само за пример, релативно “мал” пораст има кај цената на Ultrastar DC HC550 16TB, кој од $508, бележи покачување од 30.3 проценти, до моментална цена од $662. Најголемиот пораст е кај Seagate EXOS X18 18TB, кој од $646 пред само една недела, во моментов чини неверојатни $1,077.

Како што дознава
TomsHardware.com,
проблемот всушност
лежи во каналите за набавка на самите дискови. Имено, процедурата за
дистрибуција која започнува од производителот, оди преку агент, па дистрибутер,
за на крај да стигне до самиот продавач. Проблемот, според извори за Time Finance, лежи во агентите, кои наместо да ги
испорачаат дисковите, ги држат.

Причината за ова е тоа што агентите веќе еден месец знаат дека цената ќе
оди нагоре, и со држењето си го зголемуваат потенцијалниот профит. Покрај ова,
финансиски поспремните продавачи кои имале информација дека цените ќе одат
нагоре, купиле залихи по понормални цени.

Како што може да се примети и по моделите кои ги спомнавме погоре, се чини дека најбарани во моментов се хард дискови наменети за enterprise пазарот, веројатно поради самиот квалитет и издржливост. Покрај нив, се очекува за скоро време на ред да дојдат и дисковите наменети за видео надзор и NAS системи, како на пример сериите IronWolf и SkyHawk на Seagate.

За жал ситуацијата не е ваква само во Кина – според Hermitage Akihabara истото се случува и
во Јапонија. Нарачките на поголеми количини се значително зголемени во последните
неколку дена, а многу од продавниците ставаат лимит на ваквите продажби за да
ја заштитат залихата која ја имаат на располагање. Според една од продавниците,
значително е намалена залихата на дискови со големина над 8TB, а има и купувачи кои порачуваат по стотина
дискови во една нарачка.  

The post Цените на хард дисковите во Азија со значителен пораст appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *