Џон Мекафи и гениј и лудак

-

Мината недела Џон Мекафи беше пронајден мртов во затворската ќелија. Одделот за правда на Каталонија објави дека сè укажува дека г. Мекафи самиот си го одзел животот. Тој е основач на McAfee и креатор на првиот комерцијален анти-вирус софтвер. Г. Мекафи од 1994 година не дел од McAfee Associates и софтверот е далеку од врвот, но неговото име и натаму е најпрепознатлива асоцијација за анти-вирус. Иако неговите достигнувања во областа на безбедноста се несомнени, поради повеќе изјави, користењето на наркотици и проблеми со законот г. Мекафи е контроверзна фигура. Г. Мекафи двапати се обиде да се кандидира како претседателски кандидат на Либертаријанската партија.

Џон Мекафи е роден  1945 година во американска воена база во Глочестер, Велика Британија. Набргу по раѓањето неговото семејство се преселило во САД, па најголем дел од детството го поминал вo Салем, Вирџинија. Дипломски студии по математика завршил во колеџот Роаноке во Вирџинија. Г. Мекафи го подготвувал својот докторат на  Northeast Louisiana State College, но поради врска со студентка бил избркан. Оваа студентка подоцна станала прва сопруга на г. Мекафи.

Дел од неговите професионални аранжмани опфаќаат работа како програмер во Apollo програмата за NASA, софтвер дизајнер во Univac, архитект на систем во Xerox. Сепак пресвртот во неговиот професионален живот се случи во 80-те години додека работеше во Lockheed. Доби копија од првиoт вирус за десктоп „Brain“. Речиси веднаш започна да работи на софтвер кој треба да пронаоѓа и отстранува компјутерски вируси. Користењето на многу наркотици го направило параноичен што имало влијание на развојот на антивирус програмите. Дел од неговите колеги раскажуваат дека г. Мекафи сметал дека сите сакаат да влезат во неговиот компјутер.

Што е Brain

Brain е првиот компјутерски вирус со
официјална дата на излегување 19 јануари 1986. Вирусот го зафаќа boot-секторот на флопи
дискетите со своја копија, а boot-секторот
се префрла на друго место и се одбележува како bad sector. Името (label) на дискетите се
преименува во ©Brain, а во boot-секторот
може да се пронајде следниот текст:

Welcome to the Dungeon © 1986 Basit & Amjads (pvt). BRAIN COMPUTER SERVICES 730 NIZAM

BLOCK ALLAMA IQBAL TOWN LAHORE-PAKISTAN PHONE: 430791,443248,280530. Beware of this VIRUS…. Contact us for vaccination…

Вирусот значително го забавува читањето од дискетите, но не
уништува податоци. Поради ова беше тежок за детектирање.

Основање на McAfee Associates

Во 1987 Џон Мекафи ја основа McAfee Associates Inc и пред крајот на годината започнаа да го продаваат првиот анти-вирус VirusScan. Во текот на годините McAfee VirusScan добиваше различни критики од корисниците и покрај генерално лошиот прием последниве 10 години, името заедно со уште неколку гиганти е веројатно едно од најпрепознатливите.

Г. Мекафи откако ја основа компанијата остана директор краток период. Шест години по основањето, во 1993 година г. Мекафи се повлече од позицијата извршен директор, но остана директор на техничкиот дел (CTO).

Иако компанијата на почетокот го имаше името по кое е препознатлива, во 1997 година го променија името во Network Associates Inc. Преку аквизиции на неколку компании го проширија и своето портфолио и сервиси кои ги нудеа. Сепак брзо ги променија плановите и пред крајот на 2004 година распродадоа сѐ што не беше фокус на безбедност и го вратија оригиналното име McAfee.

Во август 2010 Intel за 7,68 милијарди долари го купи McAfee кој тогаш беше дел од водечките безбедносни фирми. Аквизицијата беше комплетирана во март 2011. Во следните 3 години следеше период на интеграција на компанијата, за во 2014 да се ребрендираат во Intel Security. Реакција на ребрендирањето е најсмешната реклама која ја снимил г. Мекафи и секако неговата реакција.

„Бескрајно сум им благодарен на Intel што ме ослободија од ужасната асоцијација со најлошиот софтвер на планетава. Ова не се мои зборови. Ова се зборови на милиони иритирани корисници. Моето воодушевување од одлуката на Intel ме остава без зборови“, изјави контраверзниот основач на компанијата Џон Мекафи.

Во овој период г. Мекафи веќе беше „пензиониран“ и работеше на други различно потфати: од институт за јога, до лаборатории за лекови и различни лудости во Белизе. Веројатно поради долготрајната употреба на наркотици менталното здравје на г. Мекафи беше нарушено. Последните десетина години од неговиот живот беа во најмала рака чудни.

Најпрво во 2012 го уапсија во Гватемала откако избега од Белизе откако неговиот сосед беше пронајден мртов. Иако сите очекуваа г. Мекафи да оди на судење, по неколку дена од неговото апсење беше пуштен на слобода и одлета во Мајами.

Можеби не беше во првите поддржувачи на крипто-валутите, но потрагата по дополнителни финансии го натераа да ја промовира оваа технологија. Беше еден од промотерите на крипто-валутите, иако за секој твит со кој промовирал крипто-валути наплаќал 105 000 долари.

Во последните години г. Мекафи тврдеше дека Централната разузнавачка агенција (ЦИА) сака да го убие. Дури имаше и објава на Twitter во која тврди дека агенцијата му праќа суптилни пораки дека ќе го „ликвидира“.

Во 2020 година шпанската полиција го уапси по меѓународна потерница. Властите во САД го бараа за затајување на данок. Г. Мекафи тврдеше дека нема никакви приходи, иако од 2014 до 2018 заработил милиони од консултантски услуги, говори, крипто-валути и продажба на правата за неговата животна приказна. Обвинителството верува дека во овие 4 години г. Мекафи затаил над 4 милиони долари данок. Додека беше во затвор обвинителството го обвини и за измама и за перење пари.

Неколку часа откако Шпанскиот суд ја одобри екстрадицијата
во САД, г. Мекафи е пронајден мртов во затворската ќелија.

The post Џон Мекафи и гениј и лудак appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *