5 работи кои нѝ се допаднаа во Green Hell

-

Целта во Green Hell е да навлезете во амазонската прашума, да водите ред за вашето здравје, создавате и градите најразлични работи, истражувате и давате сè од себе да преживеете. Ваквото нешто, како што и самиот наслов кажува, знае да биде пеколко тешко, но, и покрај тоа, уживавме дружејќи се со оваа штотуку излезена игра за конзолите, а она што следи се петте работи кои највеќе нè воодушевија!

1. Впечатливо hard-core survival искуство

Green Hell е игра која би била особено ценета од тврдокорните фанови на Survival игри, особено сите оние што беа импресионирани од The Forest. Играта никако не ве држи за рака и постојано бара да размислувате и приоритизирате работи во една непредвидлива и немилосрдна околина. На располагање ја имате кампањата, Survival режимот и Challenges режимот. Модовите се доволно различни за да понудат малку поразлични искуства и, иако имате богати можности за прилагодување на тежината, Green Hell и понатаму нѝ оставаше впечаток на исклучително предизвикувачка и, на моменти, фрустрирачка игра каде потребно преку неуспех да „учите“ како да ја играте играта. Ова знае да ги награди потрпеливите со еуфорично чувство на достигнување, но целосно да ги одврати оние гејмери кои навлегуваат во зелениот пекол мислејќи дека е прошетка во паркот.

2. Уникатен систем за одржување на вашиот разум

Покрај водење ред за тоа колку внесувате храна и вода, важно е и да не го изгубите вашиот разум, нешто што знае да биде значително тешко во Green Hell. Поради тоа, потребно е да внимавате што работите, како да не конзумирате човечко месо или да не дозволите вашиот ко-оп сопатник да биде убиен, доколку решите да играте со уште еден играч. Пробајте да им пркосите на овие фактори и да не водите ред и ќе завршите така што ќе слушате најразлични гласови, да халуцинирате и, на крајот, да умрете. Ова, кога ќе го ставите во комбинација со константната потреба да истражувате, ловите, собирате намирници со различни позитивни и негативни ефекти, знае да кулминира во исклучително hard-core искуство.

3. Забавен систем за создавање работи

Крафтинг или создавање работи се заснова на едноставен, но исклучително забавен концепт на експериментирање и откривање рецепти и нацрти. Ваквиот концепт постојано ве принудува да истражувате, да пронаоѓате најразлични корисни работи и да го менувате изгледот и практичноста околу вашиот главен камп. Green Hell, меѓутоа, нема систем кој е комплексен како тој во Minecraft и сè што градите се заснова на претходно-утврдени урнеци.

4. RPG механики и надградби со борбениот систем

Сè што ќе создадете можете да го користите како оружје, а таквото нешто, во комбинација со сите активности што ги правите, има левели од 1 до 100. Пример, што повеќе ловите со копје, толку повеќе ви се зголемува левелот и станувате подобри со таа вештина, односно нишаните за побрзо време, помалку кондиција губите, послабо го оштетувате оружјето и слично. Фантастично е чувството кога по прв пат ќе почнете да користите лак и стрела, па потоа ќе го надградите преку константно користење само за да ви се отклучат бројни предности кои ве прават значително повешт.

5. Квалитетна графика и одличен дизајн на звук

Дење или ноќе, истражувањето на зелениот пекол е безмилосно, но преубаво искуство кое крие бројни уникатни и впечатливи места. Звуците се особено квалитетни и доколку сте внимателни точно можете да чуете дали некој отровен пајак се подготвува за напад, каде има поток, се прикрадува ли јагуар, и слично. За жал, ова доаѓа со цена и Xbox One конзолата не делуваше доволно силна да излезе во пресрет на хардверската побарувачка. Но, во поголемиот дел од играњето, преовладуваа стабилни 30 фрејмови во секунда.

Доколку ова што го прочитавте звучи како нешто што би ви било интересно тогаш повеќе од загарантирано е дека нема да сакате да заминете од амазонската прашума. Ако во нешто успева Green Hell тоа е да го направи секој ваш нареден чекор несигурен – никогаш не знаете дали во близина се крие некоја опасност, дали во форма на отровна змија, молневито-брз јагуар, бруталните староседелци или пак паразити од неправилно зготвена храна. Сите споменати аспекти се вешто осмислени, а финалниот продукт е способен да понуди интерактивна забава која слободно може да стои раме-до-раме со најдобрите игри од овој жанр.

The post 5 работи кои нѝ се допаднаа во Green Hell appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *