5 PS5 игри кои се до 1000 денари

Доколку успеавте да зграпчите PS5, но не и поевтини, а одлични игри за конзолата на Sony, од сите моментни распродажби, ги извлековме петте игри кои, иако дебитираа на PS4, нудат графички збогатено и флуидно искуство на PS5!

Tom Clancy’s Rainbow Six Siege Deluxe Edition – 530 денари

За сите фанови на ко-оп тактички шутери оваа игра одамна се има докажано како една од најдобрите на пазарот. Делукс изданието е заедно со 16 оператори кои излегуваа во првата и втората година на играта. Rainbow Six Siege изгледа апсолутно преубаво на PS5 и дефинитивно ви препорачуваме да ја проверите, особено по оваа цена. Башка, попустот се поклопува пред долго очекуваниот настан – Doktor’s Curse Event 2021!

GreedFall – 650 денари

Од студиото зад Tehnomancer доаѓа една од најамбициозните RPG игри. Како и првата игра од оваа листа, така и GreedFall дебитираше на PS4, но студиото исфрли и PS5 верзија која, графички, е за неколку скалила повисоко и е задолжителна лектира за сите фанови на комплексни RPG игри кои бараат огромна слобода во надградбата на ликот.

Control – Ultimate Edition – 850 денари

Ако до сега немате слушнато за најновата игра на Remedy, студиото зад неодамнешниот римастер на Alan Wake, тогаш навистина не знаеме што да ви кажеме. Control: Ultimate Edition вреди за оваа цена и нуди неброени часови забава во еден од најчудните светови кои сме имале задоволство да ги истражуваме. Да не ни почнуваме за комплексната и крајно збунувачка приказна, како и феноменалните гејмплеј елементи засновани на паранормални способности. За оваа цена, го добивате комплетното искуство, основната игра, плус двете последователни додатоци.

Borderlands 3 – 1000 денари

Да не се лажеме, на PS4, Borderlands 3 е мачно и крајно фрустрирачко искуство, особено поради бројните падови во фрејмови. На PS5, искуството е божествено и за цена од 20 долари, навистина не би требало многу да се мислите дали да навлезете во овој огромен свет. Borderlands 3 нуди часови и часови уникатна акција, со уникатни оружја и уникатно откачени ликови. Иако четирите последователни додатоци значително го прошируваат универзумот, основната игра е сосема доволна за бројни незаборавни сесии, особено со пријател.

STAR WARS Jedi: Fallen Order Deluxe Edition – 1000 денари

Сите вие Souls Like и Star Wars фанови, обединете се и проверете ја следнава игра. Се работи за богато искуство кое ве наградува и во поглед на приказната и во поглед на гејмплеј механиките. Најдоброто од се? Се работи за ЕА игра која нема апсолутно никакви микротрансакции! STAR WARS Jedi: Fallen Order беше едно од најпријатните изненадувања и навистина мора да го проверите на PS5. Делукс верзијата доаѓа со скромни, но интересни дополнителни изгледи, како и Director’s Cut видео кое го препорачуваме од сè срце.

Во случај да барате понови наслови кои првенствено се појавија на PS5, тогаш следете нè и во наредните денови!

The post 5 PS5 игри кои се до 1000 денари appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *