IT Кариера Профил | Ненад Милевски

-

ИТ Кариера профил е серијал преку кој ќе ја претставиме ИТ заедницата, начинот на работење, функционирање и динамиката на луѓето во ИТ секторот.


1. Што работиш моментално и кои се твоите одговорности?

Мојата позиција во компанијата е технички Проект менаџер во Digital Present и сум вклучен речиси во сите процеси кои се одвиваат во компанијата. Еден аспект од моите одговорности е комуникацијата со клиентите, како во фазата пред добивање на проектот, така и во текот на проектот каде со редовни состаноци на неделно ниво известувам за прогресот на работата. Друг важен елемент во кој сум секојдневно вклучен е работата со дизајн и девелопмент тимот. Планирање на проектите и техничките пристапи за секој проект поединечно зависно од потребните на клиентот, креирање таскови и спринтови, дневни состаноци за планирање и известување за сработеното се само дел од моите активности.

2. Прати ни фотографија од твојата работна средина (без средување 😃)

3. Од каде научи да програмираш – факс, курсеви, или учење на своја рака?

Првиот мој контакт со програмирањето беше уште во моите средношколски денови каде дел преку предметот информатика, а дополнително и преку почетен курс за програмирање се запознав со основите на програмските јазици. Потоа моето образование продолжи на ФЕИТ каде постојано учев и се запознавав со алгоритми и структури на податоци како и разни програмски јазици и технологии се до моето дипломирање.

Денес како Проект менаџер немам директен контакт со програмирањето но секако ми е од голема помош тоа што имам солидно техничко познавање и можам да се вклучам во процесите на планирање на проектите и дефинирање на функционалностите при работењето. 

Мојот став во поглед на програмирањето е дека формалното образование како факултет или курсеви треба да биде само основа за почеток, а секој кој сака да биде добар програмер мора постојано да се надоградува и да учи на своја рака.

4. Кои се 5-те сајтови кои највеќе ги посетуваш?

5. Омилена алатка/софтвер?

Jira Software, Discord, Slack

6. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за оние кои сакаат да започнат со програмирање…

Доколку се одлучите да запливате во програмерските води бидете подготвени дека станува збор за динамична професија каде што е потребно редовно да се надградувате за да бидете во тек со најновите технологии. До пред 10тина години доволно беше да имаме познавање од една технологија и да бидеме сигурни дека имаме обезбедена работа во наредните неколку години. Сега живееме во време каде што polyglot програмерите имаат предност во однос на останатиот кадар.

Не се приврзувајте за конкретна синтакса/програмски јазик. Фокусирајте се на концептите, структурите, алгоритмите. Имајте во предвид дека секој почеток е тежок и не се откажувајте. Потребно е време, труд, упорност и многу непроспиени ноќи, но на крај успехот се исплаќа.

7. Напиши ни неколку мудри зборови како совет за твоите колеги во индустријата…

Балансирајте. Градете се додека сте на работа но и во вашето слободно време. Не се фокусирајте само на код т.е. технологија. Техничкиот дел е само едно делче од целата сложувалка која ве дефинира како личност и ја одредува вашата вредност на пазарот на труд. За усовршување на овие техники ви ги препорачувам книгите The Clean Coder и The Software Craftsman.

Бидете спремни да да кажете “не”, да се справите со конфликти, тесни рокови, притисоци и неразумни желби и барања. Користете ја креативноста, давајте иницијативи и предлози. Најбитно од се, менаџирајте го добро вашето време, одморете се кога сте уморни, но не се откажувајте. Посветете време, вреднувајте ги и градете ги луѓето околу себе во идни лидери.

Освен читање книги и гледање туторијали за сертификација, надоградувајте се и преку посета на конференции. Ќе имате можност да се сретнете и дискутирате со влијателни луѓе од индустријата, да запознаете нови колеги и дебатирате на различни теми, да учествувате во работилници итн. Споделувајте го вашете знаење и допринесете за заедницата. Бидете говорник на конференции или помали настани, пишувајте статии, учествувајте на meetup настани.

8. Доврши ја реченицава: Иднината на програмирањето е во…

Blockchain. Кога ќе спомнам blockchain не мислам на Bitcoin и други крипто валути. Тоа е само еден пример каде може да се користи оваа технологија. Blockchain ни овозможува безбедно да чуваме голема количина на податоци и може да биде замена за комплексни софтверски системи. Може да се користи во било која област како што се банкарство, едукација, здравство, влада итн.

The post IT Кариера Профил | Ненад Милевски appeared first on IT.mk.

Comments (0)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *